Избрани двајца уставни судии и еден министер

Ублажен е кадровскиот проблем на Уставниот суд. На петмината од потребните девет судии, ќе им се придружат уште двајца новоизбрани.

Собранието ги избра судијата од Апелацискиот суд во Скопје, Фатмир Скендер и советникот за граѓанско законодавство, Татјана Васиќ-Бозаџиева за уставни судии. За нив гласаа 64 пратеници додека еден се изјасни против. Веднаш потпишаа свечени изјави дека работата ќе ја вршат совесно и одговорно и ќе ги почитуваат Уставот и законите. Опозициската ВМРО ДПМНЕ го напушти гласањето со оценка дека ова е „срамен избор со кој се дава етикета на партиско судство“. Павле Трајанов побара посебен закон, бидејќи отсуството на критериуми и утврдена постапка од 91-ва до сега дозволувало партизација.

Постапката за избор на тројца судии почна пред повеќе од една година, но во Комисијата за избори и именувања `се уште трае расправата за последниот предлог – Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Уставниот суд повеќе пати апелираше пратениците да изберат судии. Состојбата стана алармантна зашто во почетокот на декември истекува деветгодишниот мандат на уште еден судија, а со четворица судии Судот не би можел да заседава.

Со 63 гласа за и 30 против, Собранието го избра Ристо Пенов за министер за локална самоуправа. Расправата траеше три работни дена. Мнозинството го претстави како „татко на функционалноста на град Скопје“, човек кој како градоначалник ги реализирал новата автобуска станица, стазата на кејот, скопскиот плоштад и други проекти, додека опозицијата го нарече „инекција со изминат рок“. Пенов се враќа во политиката по една деценија. Два мандати беше градоначалник на Скопје, пратеник и претседател на ЛДП.