Собранието ја почна конститутивната седница на новиот собраниски состав, со која претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику. Присутни се 117 пратеници, а беше избрана Верификационата комисија по што дадена е пауза за таа да заседава.
На седницата на која присуствуваат претседателката Гордана Сиљановка Давкова, премиерот Талат Џафери, министри во техничката влада, претставници на институциите во државата и на дипломатскиот кор.
За претседател на Верификационата комисија е избрана Дафина Стојановска, а за членови Благица Ласовска, Даниела Николова, Дијана Тоска и Беким Сали. Од присутни 117 пратеници, за овој предлог гласаа 100 од пратениците, од кои 94 гласаа „за“, а шест беа против, а воздржани немаше.
Пратеникот Борислав Крмов од Левица, кои гласаа против овој предлог, реагираше затоа што двајца од членовите на Комисијата за верификација на мандатите се од иста политичка партија, што, според него, не е во согласност со Деловникот, кој предвидува да бидат застапени пратеници од различни политички партии и треба еден од членовите да биде од Левица, како четврта партија по број на пратеници.
– Вие зборот „различни“ го толкувате како исти или како пропорционална застапеност или како соодветна, кој што е малку нејасен термин и од тоа толкување фактички ја имате оштетено Левица за еден член на оваа комисија, затоа што е четврта партија во Собранието. Значи уште во стартот почнавме со лоши практики, рече Крмов.
Претседавачката Колча Коџаџику реплицираше дека изборот на членовите е утврден и договорен на координација меѓу координаторите на сите политички партии.
Колча Коџаџику на почетокот од седницата ги именува пратениците Халил Снопче и Беким Сали за нејзини заменици кои по потреба ќе можат да ја заменуваат како претседавач со конститутивната седница.
По паузата се очекува Собранието да продолжи со верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието, место на кое ќе биде предложено да седне Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата „Вреди“.
Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата се очекува да присуствуваат 118 бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки.
Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.
Се уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, пак, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.
Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието.