Изборот на нов шеф на скопското вишо обвинителство одложен, поради немање на кворум

Освен скопското Вишо, шефови не се избираа ниту во Вишото обвинителство Гоствиар, како и Основните обвинителства во Битола, Велес, Кавадарци и Куманово. Наместо нови, поставени се В.Д. шефови. Ако, пред една недела членовите на Советот на јавните обвинители не ги имаа разгледано досиејата на кандидатите, овој пат, главниот обвинител Љубомир Јовески е хоспитализиран.

„Јас и во петокот го имав побарано за да се договориме за денеска за седницата да го потврди присуството. И во петокот не ми се јавуваше, еве било тоа што се случило, го задржале во болница во петокот. Токму поради тоа поради немањето на кворум од 2/3 на членовите на Советот, не можевме да преминеме кон избор, туку моравме да поставиме вршители на должност бидејќи не знаеме до кога ќе се задржи јавниот обвинител, а други членови немаме“, изјави претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски.

На тесно мнозинство веќе предупредуваше Јолевски. Претходната недела, непосредно по одложувањето на изборот за шеф на скопското Вишо обвинителство, од кандидатура од засега непознати причини се повлече обвинителката Фатиме Фетаи.

А, за новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал, Ислам Абази, премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека го дели ставот на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер. Сепак, Ковачевски се дистанцира од било какво мешање при изборот и тврди дека како Влада, вклучително и министрите, немале никаков удел во изборот на Абази. Тој смета дека на правосудниот систем и натаму му се потребни реформи.

Американсакта амбасадорка Агелер во петокот во писмена изјава за „360 степени“ го искритикува изборот на Абази. Таа порача дека се збунети за изборот, особено поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите, кои всушност самите гласаа за наследник на Русковска.