Изборите, во рок од 60 дена, ќе се повторат во четири општини, поради непостигнат цензус

Поради непостигнат цензус во првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се повтори гласањето за избор на градоначалници.

Поради непостигнат цензус во првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се повтори гласањето за избор на градоначалници.

Како што информира Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини не била постигната потребната излезност од најмалку една третина (33,33%) од запишаните гласачи, што е предуслов за успешност на изборите според Изборниот законик.

Според податоците, одзивот на гласачите изнесувал:

во Гостивар – 33,31%,

во Врапчиште – 25,18%,

во Маврово и Ростуше – 30,31%,

во Центар Жупа – 21,49%.

Со оглед на тоа што излезноста во ниту една од овие општини не го достигнала законскиот праг, изборната постапка ќе се повтори во целост.

Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, ако во првиот круг не излезе најмалку една третина од гласачите, изборите се повторуваат. Дополнително, член 132-а предвидува дека повторените избори се одржуваат во рок од најмногу 60 дена по објавувањето на конечните резултати, а при тоа не важи условот за излезност.

Тоа значи дека целиот прв круг во овие четири општини ќе се спроведе повторно во наредните два месеци, по што ќе следи и втор круг доколку има потреба.

Во меѓувреме, вториот круг од Локалните избори 2025 ќе се одржи во недела, кога гласачите ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, додека изборот на градоначалници во 44 општини беше завршен уште во првиот круг.