
Изборен молк на сила во Словенија пред неизвесните парламентарни избори
Во Словенија, од полноќ е на сила изборен молк пред парламентарните избори в недела, каде што 1.695.196 граѓани ќе изберат 88 пратеници во Парламентот, додека преостанатите двајца пратеници ќе бидат избрани од членовите на италијанското и унгарското национално малцинство.
Во Словенија, од полноќ е на сила изборен молк пред парламентарните избори в недела, каде што 1.695.196 граѓани ќе изберат 88 пратеници во Парламентот, додека преостанатите двајца пратеници ќе бидат избрани од членовите на италијанското и унгарското национално малцинство.
Најновите анкети пред изборите покажуваат дека има промена на врвот, а сега на владејачкото левичарско-либерално Движење за слобода на премиерот Роберт Голоб му се верува најмногу.
Аферата за странско мешање во изборите, која е поврзана со опозициската десничарска Словенечка демократска партија на Јанез Јанша, најмногу придонесе за таков резултат.
Во петокот, директорот на Словенечката агенција за разузнавање и безбедност (Сова) Јошко Кадивник им презентираше материјални докази на членовите на Советот за национална безбедност, во кои се вели дека претставници на израелската приватна разузнавачка агенција „Блек кјуб“ го посетиле седиштето на СДС во Љубљана во декември лани.
Истражувањата покажуваат дека предноста на Движењето за слобода во однос на СДС е од 0,4 проценти до 6,2 проценти, според агенцијата Арагон, јави СТА.
Гласањето за пратеници се одржува во осум изборни единици поделени во 11 окрузи, така што во секоја изборна единица се избираат по 11 пратеници. Изборите се одржуваат според пропорционалeн метод.
За граѓаните кои не се во можност да гласаат на изборите, гласањето предвреме беше можно од вторникот до четвртокот, а вкупно излегоа 4,8 проценти од регистрираните гласачи.
Гласањето на редовните парламентарни избори, 10-ти по осамостојувањето на Словенија, се одржува в недела од 7 до 19 часот, а кратко по затворањето на гласачките места се очекуваат првите проекции и првите официјални резултати.