Во кругот на поранешна велешка Порцеланка, вчера е избегната голема трагедија откако изби пожар во близина на цистерни и склад со повеќе од 80 тони плин, информираше денеска директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Како што посочува Ангелов во видеото снимено на местото на настанот, пожарот е сопрен на стотина метри од садовите со гас, благодарение на брзата и пожртвувана реакција на велешките пожарникари кои веднаш излегле на терен и побарале воздушна поддршка за гаснење на пожарот, но, како што вели Ангелов, пожарникарите воспоставиле контрола пред таа да стигне.
– Вчера се одвиваше вистинска драма во близина на градот Велес, кога пожар изби во кругот на стара Порцеланка, каде што се наоѓаат повеќе големи цистерни со гас. Пожарот е сопрен буквално на стотина метри од садовите со гас. Благодарение на храбрите велешки пожарникари кои излегоа веднаш на терен и побараа воздушна поддршка, но немаше време таа да стигне. Пред да стигне воздушната поддршка тие успеааја да воспостават контрола. На некои 50 метри во кругот на друга приватна фирма која што работи со гас можело да се случи вистинска катастрофа, бидејќи во садовите со гас има најмалку 80 тони гас, распореден во цистерни, односно садови за складирање на гас. Ако не била брзата интервенција на пожарникарите ќе се случела огромна експлозија која што ќе предизвикала голема штета, вели Ангелов.
Додава дека Министерството за внатрешни работи работи на случајот за утврдување на причините за пожарот, како и пронаоѓање на сторителите.
– МВР работи на испитување на причините за пожарот на оној или оние кои го предизвикале овој животнопредизвикувачки пожар. Се работи за цистерни со запалив гас. Голема благодарност до пожарникарите, но и до вработените од кругот кои што им помогнале на пожарникарите и успеале да го сопрат пожарот буквално на стотина метри од првите садови со гас. Леталата беа упатени, но не стигнаа, бидејќи пожарникарите успеааја да го изгаснат со неколку лица вработени во фирмата, вели директорот на ЦУК.