
Иднината на партијата на Вучиќ во ЕПП ставена под прашалник
Иднината на Српската напредна партија (СНС) во рамките на Европската народна партија (ЕПП) ќе биде предмет на додатни расправи во наредните денови, изјави во Стразбур Манфред Вебер, претседател на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент.
Иднината на Српската напредна партија (СНС) во рамките на Европската народна партија (ЕПП) ќе биде предмет на додатни расправи во наредните денови, изјави во Стразбур Манфред Вебер, претседател на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент. Тој пред пленарната сесија на Европскиот парламент изјави дека ЕПП внимателно ја следи ситуацијата и политичките случувања во Србија.
-Во ЕПП постојат различни ставови по ова прашање. Свесни сме за случувањата, ги следиме сите снимки и информации од таму. ЕПП не е слепа за тоа што се случува во Србија. Лидерите започнаа да го разгледуваат Вучиќ и членството на СНС, па за тоа ќе се разговара деновиве, рече Вебер.
Вебер негираше дека Вучиќ имал забрана да присуствува на самитот на ЕПП во Валенсија, велејќи дека тоа не е вистина.
-Сите лидери, членки и придружни членки беа поканети. Вучиќ сам одлучи да не дојде, порача тој.
СНС е придружна членка на Европската народна партија од 2016 година. Во текот на целото тоа време, овој европски политички сојуз одржуваше добра соработка со владеачката партија, и покрај критиките и предупредувањата од поединечни експерти дека токму ова помага за одржување на таканаречената „стабилократија“ во Србија, се наведува во извештаите на EWB.