Ивановска: Само заедничка борба може да даде конкретни резултати во справувањето со корупцијата

Борбата против ова општествено зло – корупцијата, бара ангажираност на сите нивоа во општеството, затоа од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати, нагласи претседателката на Државната комисијата за спречување на корупција Билјана Ивановска, на свеченоста по повод 20-годишнината на ДКСК, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба.

Таа истакна дека никој не смее да ги занемари укажувањата на нашите пријатели од Европа и САД кога велат дека корупцијата во земјава е присутна во сите пори и мора да најде начин да ги разбиеме заедничките политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата.

– Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега напредокот на овој фронт сериозно недостига. Овие зборови се силен аларм за сите чинители во општеството, а секоја победа е значајно камче во мозаикот на здравото општество. Очекувам пораките од меѓународниот фактор да бидат прифатени и да се зголеми ефикасноста на другите институции кои понатаму треба да постапат по препораките и иницијативите на ДКСК кон целосно затворање на предметите, рече Ивановска.

Претседателката на ДКСК потенцираше дека ако сакаме да изградиме функционална држава и да го спречиме иселувањето од земјава тогаш сите ние треба да си зададеме цел – изградба на здрави и силни институции со интегритет кои ќе овозможат владеење на правото.

– Искрено се надевам дека овој апел нема да биде само декларативно разбран, туку дека ќе поттикне силна акција кај сите нас. Ние во државната комисија за спречување на корупцијата до крајот на нашиот мандат ќе се заложуваме за овој принцип, заклучи Ивановска.