„Она што нам ни пречи во државата е корупцијата. Да ја тргнеме Европа на страна. Ние сме тие што живееме тука и мораме да бидеме посвесни и да не потпаѓаме под коруптивни влијанија. Корупцијата се протега низ целото општество и анкетите покажуваат дека тоа е проблем број еден за граѓаните“.
Ова денеска за „Утрински брифинг“ го изјави Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Таа вели дека ние треба да си ја средиме државата, и за тоа е потребна малку волја, а не е неопходна ЕУ која и онака помагаше и ќе ги помага антикорупциските активности. За работењето на Владата, Ивановска вели дека резултатите и конечната оценка ќе се знаат на крајот од годината кога ќе се види колку е спроведена националната стратегија и препораките од ДКСК.
„Тоа што двајца генерални секретари на Влада се во судски процеси за корупција е лошо од една страна оти тоа значи дека се работело лошо, но од друга страна е добро оти покажува дека тоа е откриено и процесуирано т.е. не било прикриено. На граѓаните особено им пречи неказнивоста на моќниците“ – вели Ивановска.
Смета дека секоја влада до сега практикувала да извлече средства од буџетот за да ги задоволи своите гласачи.
„Мене ме разочара то видовме договори за авторско дело но немаше авторско дело. Имаше и авторски дела, но тоа беше по исклучок. Очекувам да се напуштаат старите лоши практики од претходната влада кога ќе дојде нова. Проблем е тоа што сите функционери си прават мали влади од своите кабинети. Тоа се премногу луѓе што се носат во министерствата однадвор во услови кога има доволен број вработени во самите министерства“ вели таа.