
Ивана седум години била малтретирана од нејзиниот сопруг покажа истрагата на ОЈО
Неколку часа пред да се случи трагичниот настан во кој Ивана заедно со нејзината шест годишна ќерка загинаа по скок од балкон во скопски Карпош, сопругот Стојанчо Јовановски физички ја нападнал пред работното место, а потоа и во близина на Основниот кривичен суд, нанесувајќи и хематоми по главата и телото, заканувајќи се дека ќе ја убие – ова го утврди истрагата на обвинителството од каде бараат притвор за Јовановски поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоци и вештаци, но и веројатност повторно да изврши кривични дела.
Неколку часа пред да се случи трагичниот настан во кој Ивана заедно со нејзината шест годишна ќерка загинаа по скок од балкон во скопски Карпош, сопругот Стојанчо Јовановски физички ја нападнал пред работното место, а потоа и во близина на Основниот кривичен суд, нанесувајќи и хематоми по главата и телото, заканувајќи се дека ќе ја убие – ова го утврди истрагата на обвинителството од каде бараат притвор за Јовановски поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоци и вештаци, но и веројатност повторно да изврши кривични дела.
ЈОРСМ: „На критичниот ден претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво се заканувал и започнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да и се заканува дека ќе ја убие со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и и нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото. Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка и. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството“.
Истрагата утврдила и дека Јовановски седум години наназад физички и психички ја малтретирал Ивана. Сето ова било пријавувано и од неа, но и од други очевидци во надлежните институции. Нападите се интензивирале изминатата година, поради што, според обвинителството, Ивана се нашла во безизлезна ситуација и се одлучила на самоубиство.
ЈОРСМ: Од кривичната пријава како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година па се до 2 март кога оштетената – сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и и нанесувал видливи повреди по целото тело. Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции.
Врз основа на обезбедените докази досега, на Јовановски му се ставаат на товар неколку кривични дела кои се гонат по скратена постапка. Тој е осомничен за наведување на самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Во меѓувреме пропусти од страна на министерството за социјала се веќе утврдени во постапувањето на социјалните служби. За тоа обвинителството оформи предмет во кој ќе се проверува дали има кривична одговорност кај социјалните службеници кои работеле на случајот.
Се уште се чека на Министерство за внатрешни работи кое треба да утврди дали и какви пропусти има во постапувањето на полицијата, која добила пријава неколку часа пред да се случи трагедијата, но по повлекувањето на пријавата од страна на Ивана, се повлекле и полициските службеници. МВР отпосле најави проверка дали повлекувањето на пријавите од жртвата било под присила.