„Многу пропуштивме во изминатите години, но денеска имаме предлог на маса, подготвен по консултации со нашето МНР. На сослушувањето пред парламентот, Генчовска рече дека постигнатото е најдоброто што досега било постигнато како резултат на овие напори“.
Ова за „БНТ“ го изјави пратеничката на „Демократска Бугарија“ – Антоанета Цонева во врска со францускиот предлог за кревање на ветото за старт на преговори на С.Македонија со ЕУ.
Таа посочи дека не може да ја разбере пораката на претседателот на земјата, Румен Радев за случајот со С. Македонија – од една страна признава дека предлогот на Франција е напредок, од друга – зборува за предавство.
„Како да ја прифатиме тезата дека ова е предавство? Употребата на темата Македонија како гума за џвакање, таргетирањето и етикетирањето на предавство не функционира на решавање на проблемот. Во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ го отфрла овој предлог – така од една страна не се задоволни, од друга страна го поистоветуваме мислењето на претседателот и ИТН. Зошто ВМРО-ДПМНЕ се незадоволни, а незадоволен е и претседателот Радев – нели тие не треба бидат на иста позиција“ – смета Цонева.
С. Македонија треба да започне вистински преговори за членство во ЕУ дури откако ќе се направат промени во Уставот и Бугарите ќе бидат регистрирани како уставотворен народ, вели таа.
Според Цонева, проектот предвидува и подготовка на протокол на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија, кој ќе содржи конкретни детали за спроведувањето на Договорот. Преку овој протокол ќе може да се следи дали и како се спроведува договорот.
„Тоа е без преседан – меѓудржавните билатерални односи да бидат вклучени во европската преговарачка рамка. Овој протокол ќе вклучува следење на говорот на омраза – македонските власти и медиуми ќе бидат следени што зборуваат и тоа ќе биде забележано. Гарант нема да биде само Бугарија туку целата Европска Унија. Преговорите за пристап може да бидат прекинати во секое време кога ќе се утврди дека договорот е прекршен“ – рече Цонева.