
ЗНМ: Осуда за заканите кон новинарот Исмаили
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради зголемениот број пријави од колеги новинари и медиуми за онлајн напади и ширење навредливи, дискредитирачки и недолични коментари – вклучително и од јавни функционери и политички претставници – за време на изборната кампања за локалните избори.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради зголемениот број пријави од колеги новинари и медиуми за онлајн напади и ширење навредливи, дискредитирачки и недолични коментари – вклучително и од јавни функционери и политички претставници – за време на изборната кампања за локалните избори.
Последен таков пример е случајот со колегата Мефаил Исмаили и порталот ОРА24.ТВ, кој беше мета на повеќеслојни напади, закани и координирана негативна кампања на социјалните мрежи од страна на партиски активисти, поврзана со изборниот процес во Струга. Во еден од коментарите се забележува експлицитен говор на омраза, на ниво на јавен линч, бидејќи на една од објавите на ОРА24.ТВ се вели: „Овој човек треба да се врзе и да се тепа додека не заврне дожд“. Во друг коментар се вели: „Овој неук треба да го фатиш и влечеш по Велешта“.
Ваквите јавни објави и коментари не се само недолични, туку создаваат непријателска средина која не им овозможува на новинарите слободно и безбедно да ја извршуваат својата работа, а ваквиот говор на омраза може да предизвика и кривични дела поттикнати од говор на омраза. ЗНМ за ова ќе го извести Министерството за внатрешни работи.
Ваквите обиди за дискредитација на професионалните новинари се директен удар врз медиумските слободи и демократските процеси во земјата.
ЗНМ потсетува дека нападите и притисоците врз новинарите, особено во изборни периоди, го загрозуваат правото на јавноста да добива точни, навремени и проверени информации. Наместо поттикнување транспарентност, ваквото однесување создава страв и автоцензура кај новинарите, што е недозволиво во едно демократско општество.
ЗНМ апелира до сите јавни функционери, политички претставници, партиски активисти и други учесници во изборниот процес да се воздржуваат од навреди, закани, недолични изјави и споделување непроверени информации насочени кон новинари и медиуми.
Новинарите треба да ја извршуваат својата работа професионално, без страв, притисок и опструкции, а институциите имаат обврска да обезбедат услови за нивна безбедност и независност.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да ги следи ваквите случаи и да обезбедува правна и професионална поддршка за сите новинари кои се соочуваат со притисоци и напади.