ЗНМ: Да се обезбеди почитување и непречена работа на медиумските работници на гласачките места

До ЗНМ, како што се наведува во нивното соопштение, изутрината биле пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес, како што велат, е од суштинско значење за довербата во изборите.

До ЗНМ, како што се наведува во нивното соопштение, изутрината биле пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи.

Во Скопје, во општина Карпош, (ИМ 2626) имало обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата кон новинарката Елида Зулбеари, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.

Во Охрид (ИМ 1270) на екипа од јавниот сервис ѝ било оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.

Во Тетово новинар бил попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.

ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.

-Ќе продолжиме да ги следиме случаите, да реагираме институционално и да информираме за исходите. Укажуваме дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места. Затоа, избирачките одбори, полициски службеници, набљудувачи и / или други чинители немаат основ да ја условуваат нивната работа со дополнителни дозволи. Истовремено, ЗНМ повикува на почитување на изборниот ред: новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави, без нарушување на тајноста на гласањето и без оневозможување на текот на постапката, наведуваат од Здружението.

Ги повикувааат избирачките одбори од сите изборни места да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација; да дозволат снимање и изјави во просторот каде што тоа не се загрозува тајноста на гласањето; при недоразбирања, прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот.

-Ги охрабруваме и новинарите, фоторепортерите и снимателите: секогаш да ја носат новинарската легитимација и да се претстават доколку тоа е побарано; да ги почитуваат насоките на одборот, кога истите се однесуваат на тајноста на гласањето; при какво било попречување, веднаш да го евидентираат случајот (време, место, избирачко место, лица) и да се обратат до ЗНМ. За правна и практична помош, новинарите, снимателите и фоторепортерите можат да се обратат до регионалните координатори на ЗНМ во Штип, Струмица, Битола, Охрид, Тетово и Куманово, како и до контактите на ЗНМ во Скопје. ЗНМ останува на располагање за секоја поддршка која ќе овозможи професионално, безбедно и непречено известување од гласачките места, се додава во соопштението.