„Спомнувањето на имињата на претседателите Киро Глигоров и Бранко Црвенковски во негативен контекст на македонската историја е во најмала рака непримерно, имено тие се политичари кои воспоставија политички вредносни критериуми во Македонија и без нивната улога Македонија денеска ќе беше Јужна Бановина во склоп на некоја друга држава“, соопшти портпаролот на Движењето ЗНАМ За наша, Никола Мемов на соопштението на Левица.
„Точно е дека тие беа дел од некогашната државотворна СДСМ, која денеска е заробена партија и претворена во семејна партија на Зоран Заев.
За разлика од државотворните политичари, кон кои ЗНАМ има исклучителна почит, новопечените политичари од Левица на народот не му нудат ништо, освен сувопарни идеолошки фрази цитирани од старите учебници по марксизам. Ако мислат дека тоа е идеологија, длабоко се излажале.
Предложените кадри од Движењето ЗНАМ-За наша Македонија за носители на јавни функции се чесни и стручни луѓе кои ги исполнуваат сите законски норми и критериуми за извршување на функциите за кои се номинирани или избрани, вклучувајќи го и г-дин Емил Јанески како Директор за КПД Прилеп.
Господинот Јанески, ја извршуваше функцијата Директор на ЈКП Водовод и канализација Прилеп во периодот 2017-2021 со исклучително добри резултати, за што говорат позитивните извештаи од ревизијата на финансиското работење на претпријатието.
Ги повикуваме господата од Левица, ако имаат индиции дека новоименуваниот директор на КПД Прилеп не ги исполнува условите за таа функција, да поведат постапка пред надлежните институции во државата, во спротивно јавноста ќе смета дека се работи за ефтина дискредитација на личноста.
Доколку Левица продолжи со непристојниот вокабулар, нарекувајќи ги членовите на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија како “криминалци”, ќе следат соодветни постапки за клевета пред надлежните судови во Македонија.
Наша препорака до Левица е да си го преиспитаат политичкото делување, од една страна ја критикуваат владината коалиција, што е во ред, но од друга страна продолжува нивната соработка на локално ниво со истата коалиција и нивното учество во управните одбори на сите локални јавни претпријатија и да ги уживаат бенефициите од локалната власт“, се додава во реакцијата.