Змија касна двајца мажи од Велес, префрлени се на Инфективна клиника во Скопје
Двајца велешани биле каснати од змија додека работеле на лозје вчераутро кај селото Војница. Откако им се влошила состојбата, се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.
Мажите на возраст од 76 и 64 години денеска се во релативно подобра состојба. Двајцата најверојатно налетале на змиско гнездо, а змијата, според нивно кажување поскок, го каснала прво едниот на дланката, па потоа и другиот кој сакал да помогне.
Тргнале кон Велес, и побарале Итна помош, која ги пресретнала по патот и веднаш им дала серум против отровот.
Биле хоспитализирани во велешката болница, но откако попладнето состојбата им се влошила биле донесени на Инфективна.