Претседателот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села поднесе оставка од претседателската позиција по вчерашниот неуспех на изборите за советници во Советот на општина Тетово. Тој денеска на прес-конференција рече дека резултатите не биле очекувани и поради тоа е подготвен да преземе одговорност.
„Од овој момент преземам одговорност и давам неотповиклива оставка од претседател на партијата. Во периодот кој следува највисокиот орган на партијата после два Конгреси и Централното собрание треба да заседава и да одлучи во врска со тоа кој ќе биде вршител на должност на претседател на партијата“ – рече Села.
Прашан кој би требало да ја води партијата, Села рече дека не е демократски тој да кажува кој да биде следниот претседател на Алијанса за Албанците.
„Тоа е право на членството на Алијанса за Албанците и тоа е право на Централното собрание за да избира вршител на должност, а не е мое право“ – рече Села.
Појасни дека повеќе нема да се кандидира за претседател на АА, бидејќи, како што рече, според статутот на партијата има право само двапати да го направи тоа.
Партијата ќе прави темелни анализи за да види која е причината за лошиот резултат на изборите за Советот на општина Тетово.
На вчерашните избори АА не освои ниту еден мандат во Советот на Тетово.