Неколку часа по назначувањето на блискиот соработник на Али Ахмети и поранешен вицепремиер, Артан Груби, на црната листа на САД, претседателот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, ја поздрави оваа одлука. Тој ги повика Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и како грѓани да се соочат со обвиненија.
Во објава на Фејсбук Села напиша:
„Алијансата за Албанците продолжува да биде еден од политичките актери кои ги осудуваа и јавно ги осудуваат врските на судството со политиката и олигархијата. Затоа, денеска ја поздравуваме последната одлука на САД, најважниот стратешки партнер на Македонија и албанскиот народ.
Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и како слободни граѓани да се соочат со обвиненија.
Индивидуалната одговорност е камен-темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава.
Алијансата за Албанците и јас како нејзин претседавач, остануваме доверлив и лојален партнер на Соединетите Држави, споделувајќи ги заедничките вредности на демократијата, слободата и градењето на владеењето на правото“.
Зијадин Села е дел од „Европскиот фронт“ кој го предводи ДУИ.