„Зимзоленд“ ќе се отстранува – нема инспектор што не нашол неправилности

Општина Аеродром ќе го отстранува Божиќниот базар „Зимзоленд“, откако речиси две недели врти рингишпили без никаква дозвола и потребна документација, јавува „Телма“ откако вчера општината се прогласи за ненадлежна.

Општина Аеродром ќе го отстранува Божиќниот базар „Зимзоленд“, откако речиси две недели врти рингишпили без никаква дозвола и потребна документација, јавува „Телма“ откако вчера општината се прогласи за ненадлежна.

Денеска пак, истите тие потврдуваат дека организаторите сепак немале никакви документи и тие ќе ги преземат потребните мерки, почнувајќи од постапка за демонтирање.

„Вчера во попладневните часови е извршен заеднички вонреден инспекциски надзор над работењето на организираната манифестација „Зимзоленд“. Во надзорот учествуваа Градежна инспекција на Општина Аеродром, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Дирекција за заштита и спасување. Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна инспекциска постапка согласно со Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка за отстранување на поставената опрема“, велат од Општина Аеродром.

Дополнителни неправилности откриле и инспекциите. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека при вчерашната акција затекнале лица што вршеле нерегистрирана дејност. Тие ќе бидат казнети, а сопствениците на базарот се повикани да ја достават целата документација, вклучително и онаа што покажува кој управувал со „Зимзоленд“.

Проблеми имало и со санитарните услови. При вонреден надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и воопшто не ја известил Агенцијата дека ќе се продава храна. Поради неисполнети хигиенски услови, изречени се парични казни.

„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице организатор на манифестацијата „Зимзоленд“. Нему покрај парична казна од 500 евра, изречена му е и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна“, соопшти Агенција за храна и ветеринарство.

Во меѓувреме, МВР интервенирало на дел од сообраќајниот хаос, бидејќи овој див луна – парк создава вистински сообраќаен хаос во Ново Лисиче.