Зимава ќе јадеме скапа зимница
Ќе поскапат цените на ајварот, лутеницата, малиџаното, мармаладите, џемовите, слатката… поради зголемените цени на енергенсите, суровините и репроматеријалите. Од Македонската асоцијација на преработувачи, за ВЕЧЕР, велат дека освен зголемените откупни цени на суровината зголемени се цените на сите репроматеријалите, тегли, капаци, кеси, картони, оцет, шеќер, конзерванси…
Компаниите од оваа индустрија поради високата цена на струјата се доведени во подредена состојба во однос на нивните конкуренти од соседството кои плаќаат повлатена цена на електрична енергија. Поради зголемените цени не знаат како домашната зимница ќе се продава на надворешните пазари.
– Секако дека ќе има зголемување на цените на зимницата: ајварот, лутеницата, малиџаното, мармаладите, џемовите, слатката…Освен зголемените цени на струјата и на основната суровина – црвената пиперка зголемени се цените на сите репроматеријали кои се користат во преработувачката индустрија, тегли, капаци, кеси, картони, оцет, шеќер, конзерванси… Секоја компанија ќе види колкави ѝ се трошоците и за колку ќе ја зголеми цената на нивните производи, но зголемување на цените секако ќе има, изјави за ВЕЧЕР, Сашо Ристески, претседател на Македонската асоцијација на преработувачи.
Според Ристески, компаниите од преработувачката индустрија се доведени во подредена состојба во однос на нивните конкуренти од соседството кои плаќаат повлатена цена на електрична енергија од 100 до 150 евра за мегават-час. Нашите компании плаќаат од 500 до 550 евра за мегават час, поради цените на нашите производи се неконкурентни.
-Ќе видиме како странските партнери ќе реагираат на зголемените цени на домашната зимница која е наменета за извоз. На пролет се прават договори со странските партнери за испорачување на одредени количини ајвар, лутеница, малиџано… Но поради честото менување на цените на инпутите оваа година, договорите не беа стандардни и се менуваа на три, на шест месеции, појаснува Ристески.
Годишниот девизен прилив од конзервната индустрија е околу 70 милиони евра, половина доаѓа од ајварот, а дополнително, уште 20 до 25 отсто се од производи поврзани со пиперки.
За некои производители на пиперката ајварка оваа сезона почна лошо и тие не може да најдат пласман. Освен што оваа година пиперката е со полош квалитет поради временските услови, но и количините се значително помали од лани. Прва класа се откупува од 35 до 40 денари, а втора класа она за индустриска преработка од 20 до 25 денари за килограм.
– Количествата се намелени во споредба со лани, делумно поради скапите репроматеријали, а делумно поради климатските фактори. Освен кај пластеничкото производство на ајварка намалување на производството поради неповолните временски услови има и кај производството на отворено. Од друга страна, побарувачката е многу опадната, дали поради скапата струја, зејтин, дрва… вели Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделците од Струмица.
И во маркетите низ градот цените на зимницата во однос на лани се зголемени за 50 до 100 денари по тегла. Во некои специјализирани продавници за зимница велат дека цените се лански и не се покачени и оти очекуваат нови цени кои ќе бидат далеку повисоки од сегашните. Граѓаните, пак, коментираат дека и ланските цени им се високи и оти зимава ќе треба да го штедат и ајварот.