Вучиќ помина низ многу политички трансформации, но иако сега се колне во Европската унија, со секој негов потег покажува дека не следи таква политика и дека сепак многу повеќе се грижи за Русија, пишува германски „Зидојче цајтунг“.
Весникот потсетува дека Вучиќ неодамна во Белград се сретнал со претставникот на чеченскиот претседател Рамзан Кадиров, кој се смета за одговорен за воените злосторства и во Русија и во Украина, и рекол дека „руско-српските односи не можат да бидат уништени под никаков притисок“.
„Педесет и двегодишниот Вучиќ претрпе бројни политички метаморфози – од министер за пропаганда во времето на српскиот автократ Слободан Милошевиќ и упорен националист, до наводен реформски политичар, а сега повторно во неонационалистички популист“, пишува ЗЦ.
Според весникот, Вучиќ повеќе од десет години ја одредува политиката на Србија и владее авторитарно како Виктор Орбан во Унгарија, а во Србија „дури и најголемите скандали ги објавуваат само мал број независни медиуми“.
„Ако Вучиќ навистина сакаше членство во ЕУ, пристапните преговори, кои се одолговлекуваат од 2012 година, веројатно би оделе малку подалеку. Но, во ЕУ, Вучиќ би морал да ја ограничи својата моќ. Како и разговорите со Брисел без резултати, така и разговорите со Косово заглавуваат“, велат оттаму.
Сепак, се наведува дека политиката на Вучиќ се потпира на Русија.
„Таа е поврзана со Србија не само со историјата и религијата, туку и со контролата врз српските рафинерии и компаниите за нафта и гас. До војната во Украина; ЕУ ги држеше двете очи на неа. Сега Вучиќ со месеци е под притисок да се приклучи на санкциите на ЕУ против Москва“, стои во весникот.