Народниот правобранител Насер Зибери смета дека одговорноста е кај Владата што во периодот од уставните измени во 2019 со кои се смени името па се до средината на 2021 година наместо со новото име, беа издавани лични документи со старото име на државата, поради што сега граѓаните предвреме треба да ги менуваат.
– Лично сметам дека по усвојувањето на измените, Владата на една од првите наредни седници со МВР да изготви оперативен план за пристапување кон примена на уставните амандмани. Тоа подразбира еден временски роковник во кој прво ќе се пристапи кон измени на законите за патни исправи, за безбедност во сообраќајот, законот за лични карти, и по измените на овие закони веднаш да се задолжи МВР да пристапи кон измени на подзаконските акти и правилници и обрасци и по 6 месеци, Владата да биде спремна граѓаните да ги снабдува со нови лични документи согласно уставите амандмани. Тоа не е направено, што значи одговорноста за тој пропуст односно одлагање на уставите амандмани при издавање на личните исправи е исклучиво на Владата, вели омбудсманот во денешното интервју за РСЕ.
Неговите неофицијални информации велат дека МВР не ги издава патните исправи како што е законскииот рок, поради тоа што во моментов се соочува со недостаток на обрасци.
– Овие претставки почнаа да пристигнуваат по нова година и ние ќе се обратиме до МВР зошто се доцни со издавање на веќе изготвените, претпоставувам дека се изготвени тие патни исправи и ќе реагираме. Во одредени неофицијални разговори добив информација дека има недостаток на обрасци. Со сигурност тврдам дека има недостаток на обрасци за двојазични патни исправи, но мислам дека има недостаток и на обрасци за други документи, тврди Зибери.