Земјотрес во Тајван – урната е зграда и мост

Силен земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди Тајван. Во земјотресот се урна мост и трикатница во која се наоѓало едно семејство.

Постар брачен пар е извлечен од урнатините на зградата, а спасувачите се уште трагаат по мајката и нејзината петгодишна ќерка.

На снимките од земјотресот се гледаат шокантни сцени од луѓе кои трчаат на безбедно, додека околу нив има урнатини.

Зградите во Тајпеј, главниот град на Тајван, денеска повторно се нишаа. Тајван се справува со афтершокови по два силни земјотреси за два дена, од кои најсилниот денеска.

Тајванската метеоролошка служба соопшти дека епицентарот на земјотресот бил во округот Таитунг и следел по синоќешниот земјотрес со јачина од 6,4 степени во истата област, кој не предизвикал жртви.