Земјите од ОПЕК плус го намалуваат производството на нафта, цената на барелот може да достигне 100 долари

Саудиска Арабија доброволно се согласи да го намали дневното производство на нафта за еден милион барели до крајот на првиот квартал следната година, а другите членки го следеа истиот.

Цената на нафтата следната година би можела да достигне 100 долари за барел доколку земјите-членки на нафтениот картел ОПЕК плус ги исполнат своите ветувања за доброволно намалување на производството на нафта.

По вчерашната средба, OPEC-plus објави соопштение во кое официјално не го поддржа намалувањето на производството на нафта, но поединечни земји најавија доброволни намалувања од вкупно 2,2 милиони барели дневно за првиот квартал од 2024 година, пренесува CNBC.

Саудиска Арабија се согласи да го продолжи доброволното намалување на производството на нафта од еден милион барели дневно (bpd) до крајот на првиот квартал од 2024 година.

Русија соопшти дека ќе го намали производството на сурова нафта за 300.000 барели дневно и производството на нафтени деривати за 200.000 барели дневно во истиот период.
Ирак го намалува производството на нафта за 223.000 барели дневно, Обединетите Арапски Емирати за 163.000 барели дневно, Казахстан за 82.000 барели дневно, Алжир за 51.000 барели дневно и Оман за 42.000 барели дневно.

Голдман Сакс очекува дека врз основа на овие мерки, OPEC-plus ќе може да ги задржи цените на нафтата во опсег помеѓу 80 и 100 долари за барел во 2024 година.