Петте држави членки на Европската унија (ЕУ) кои сé уште не го признале Косово очекуваат напредок во преговорите со Србија пред да одлучат „како ќе продолжат понатаму“ во однос на признавањето, изјави шефот на Канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томаш Суниог.
Тој во изјава за Радио Косово, рече дека таквиот став му бил потврден на неговите средби со шефовите на канцелариите за врски на тие држави во Косово.
„Според она што сум го видел јас при моите средби со официјални претставници на канцелариите за врски на државите кои не го признале Косово, а кои имаат свои претставништва во Приштина, тие очекуваат да видат напредок во дијалогот со Србија и нормализација на односите. Тоа сметам дека може да придонесе кај тие држави за да видат како ќе продолжат понатаму“, изјави Суниог.
Од 25-те држави членки на ЕУ, косовската независност, прогласена во февруари 2008 година, се уште не ја признале Шпанија, Романија, Словачка, Грција и Кипар.
Дијалогот меѓу Косово и Србија на високо политичко ниво, предводен од Курти и Вучиќ, последен пат се одржа во Брисел на 18 август.
Двете страни водат разговори од 2011 година со посредство на ЕУ со цел целосно нормализирање на односите.