
Земјата се оддалечува од европскиот пат, а приоритет се источни агенди и антиевропски сојузи, велат од ДУИ
Во соопштението опозициската партија остро реагира на реториката на власта која според нив буди носталгија за опасни геополитички концепти како „српски свет“, придружени со проруски и проунгарски тенденции.
Во време кога земјата има историска шанса да напредува на патот кон ЕУ, институциите се свртуваат кон формирање специјални односи со Унгарија и градење „заеднички регион“ со Србија, додека истовремено се игнорира стратегискиот Коридор 8 – проект кој ја поврзува Северна Македонија со две членки на НАТО и ЕУ: Албанија и Бугарија, реагираат од опозициската ДУИ. Оттаму велат дека наместо фокусирање на Коридорот 8, приоритет добива Коридорот 10, кој ја движи државата кон недеклариран источен блок, во спротивност со европските вредности и долгорочните интереси на граѓаните.
„Последните случувања добиваат дополнителна тежина по посетата на Милорад Додик – политичар познат по антиевропска реторика и блиски врски со Москва и Белград – кој за време на официјалната посета во Скопје го искористи своето обраќање за да поттикне евроскептицизам и да ја предизвика евроатлантската ориентација на земјата“, велат од ДУИ.
Овој настан, велат од ДУИ, не е случајност, туку дел од координирана стратегија за менување на надворешнополитичкиот курс, паралелно со растечкото влијание на владата на Србија врз домашните институции. Дополнително, аларм предизвикуваат и донациите од субјекти со српско потекло – како неодамнешниот случај во Тетово – и вклучувањето верски фигури од странски земји со источни ориентации во државни активности под покровителство на Владата.
Партијата предупредува дека ваквите приоритети не само што ја оддалечуваат земјата од европските перспективи, туку и го компромитираат регионалниот развој, ја поткопуваат политичката стабилност и создаваат ризик од внатрешни тензии. Иако се најавуваа уставни измени во рок од три до шест месеци, сега тие се целосно исфрлени од јавниот дискурс, а процесот на евроинтеграции стагнира – дури и назадува.
„Ова е опасна и свесно водена антиевропска логика која ја урива позицијата на државата во преговорите со ЕУ и го загрозува меѓуетничкиот соживот. Нашите вредности со Западот не се само геополитички – тие се вредносни: демократија, еднаквост, функционална држава и соживот“, се вели во соопштението.
Од партијата заклучуваат дека времето на вистината доаѓа и оти граѓаните ќе дадат масовен и недвосмислен одговор на овие политики кои ја оддалечуваат државата од заслуженото европско семејство.