ЗЕЛС: Безбедни се сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали

Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали во државава се безбедни. Ова можеме да го кажеме по извршените вонредни инспекциски контроли во кои учествуваа и инспектори од централната власт, информира претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски по денешната седница на Управниот одбор.

Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали во државава се безбедни. Ова можеме да го кажеме по извршените вонредни инспекциски контроли во кои учествуваа и инспектори од централната власт, информира претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски по денешната седница на Управниот одбор.

Согласно законот, додаде, ние како општини немаме надлежност да ја провериме исправноста на ПП апаратите во училиштата, но таква надлежности имаат инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување кои учествуваа во инспекциите заедно со инспекторите од општините. Инспекции, како што посочи, се извршени во над 90 отсто од училиштата и градинките во земјава, а во останатите во моментов се вршат надзори кои ќе бидат завршени многу скоро.

Најави дека инспекциите ќе продолжат и во наредниот период. Денеска, како што кажа, ЗЕЛС даде препорака до општините да се направат и строги контроли во сите станбени згради, а на потемелни контроли да подлежат и сите урбани опреми кои се поставени во општините.

-Во наредниот период практично секаде ќе има инспектори на терен. Заклучивме дека во одредени општини недостасуваат инспекторски служби. Сето тоа ќе биде надминато со меѓусебна координација во наредниот период, односно со спроведување на меѓу општинска соработка помеѓу две или три општини со цел и последниот објект во државата да биде проверен и да биде безбеден, изјави Ѓорѓиевски по седницата на УО на ЗЕЛС.

Порача дека граѓаните мора да веруваат во институциите и во локалната самоуправа, а на општините им препорача да ги откажат сите јавни настани кои биле планирани во овој период или да се најде соодветен начин за интерпретација на тие настани, како и да се засадат дрва во чест на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Прашан што и кој контролираше и што чекале досега, Ѓорѓиевски рече, дека вакви контроли се правеле и лани, но никој во јавноста не информирал за тоа какви контроли и од каков тип се спроведени.

-Никој градоначалник не би дозволил децата да одат во градинките и во училиштата без да бидат контролирани и да бидат оставени туку така да ги посетуваат. Во мојата општина пред нова година беа извршени инспекции во сите осум училишта за што се направени записници. Во најголем дел од случаите во нив учествуваа и сите останати инспекции, рече Ѓорѓиевски.

Прашан дали треба да има законски измени за контролите, рече дека смета оти се недопрецизирани законите и оти во наредниот период треба да се работи на тоа.

-Денеска се формираше Работна група која ќе работи на унифицирана програма и правилник за поставување на урбана опрема која ќе биде еднаква во сите општини. Ако утврдат дека е потребна и законска интервенција за да бидеме унифицирани на републичко ниво ќе го побараме и тоа, истакна Ѓорѓиевски.

Генерално најголем проблем во државата, како што кажа, е урбаната опрема за кафулињата.

-Во многу од контролираните угостителски објекти се затекнати неправилности, на многу места е укажано на тие неправилности. Даден е рок за нивно отстранување. Сметам дека треба да им оставиме еден месец за да и отстранат неправилностите. Некаде веќе е постапувано како во општина Центар, рече Ѓорѓиевски.

Порача дека секоја општина мора да има доволен број на инспектори и истакна дека во наредниот период ќе се прават притисоци во Министерството за финансии за да се добијат согласности за вработување на инспектори секаде каде што нема.

-Мора секоја општина да биде подготвена да се справи со секој предизвик и затоа централните институции ќе мора да ни подадат рака во наредниот период. Недостасуваат најмалку 40 градежни инспектори за нормално да се функционира, рече Ѓорѓиевски од додаде дека инспекторите за домување ќе им дадат препораки на управителите на станбените згради да постапат по забелешките што ќе ги утврди инспекцијата, особено во делот на хидрантите.