
Граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град (ЗХГ) посочува дека борбата добива нова форма и тие формираат партија, бидејќи партиите со Изборниот законик нема да им овозможат учество на локалните избори како независен кандидат, без разлика што Уставен суд застана на нивна страна и апелираше за политички плурализам.
„Сè ќе направат за да нè снема. Менуваа Изборен законик во 2021 за да мора да собираме 10.000 потписи да добиеме право да се кандидираме за Совет на Град Скопје – не им успеа. Истото го направија во 2024 – ни тоа не им успеа. Затоа сега партиите што 30+ години ја парчосуваат Македонија решија дека независните веќе не може да се кандидираат на избори“, соопштуваат од иницијативата.
Од таму велат дека ЗХГ го основале за да спречат други да одлучуваат во нивно име и за да ја вратат моќта во рацете на обичниот човек. Според нив, така продолжуваат и понатаму.
„Успехот што независните го постигнаа сите овие години нема тука да умре. Не само што нема да запреме, туку ќе ги победиме во нивната игра. Како? ЗХГ има јасни и строги правила за внатрешно функционирање кои во изминативе 4 години се покажаа како силен филтер на членство. Благодарение на тие правила, ЗХГ функционира како силно здраво јадро од волонтери каде што не се толерира никаква агресивна комуникација ниту се овозможува отстапување од идеолошките принципи околу кои групата се обедини. Таквата принципиелност и здрава атмосфера е несвојствена за партиите. Една силна здрава група како нашата можеби не се шири брзо, но се шири стабилно и единствено таквите групи имаат моќ да донесат трајни промени во општествата. Сте чуле за партија чиишто основачи со години, па и со децении, волонтирале за општо добро? Не? Е па ЗХГ ќе ја формира првата таква партија“, потенцираат од таму.
Тие нагласуваат дека воопшто не сакаат да формираат партија, но уште помалку сакаат сега да се повлечат, кога, како што велат, партиите се обидуваат насилно и на секој начин да ги спречат.
„Мора да ја продолжиме битката зад која застанаа 10.000 скопјани на последните локални избори. Имаме алтернатива? Не, во моментов законски може или да се формира партија или да кренеме бело знаменце. А кревање бело знаменце е суштинска спротивност на нашето постоење, граѓанската борбеност и сè останато што ние претставуваме. Што значи формирање партија за ЗХГ? Во однос на нашето делување – ништо. Продолжуваме да работиме на ист начин како и претходно – отворено и хоризонтално, а партијата ќе биде чисто техничко средство за прескокнување на блокадите кои ни ги поставуваат“, нагласуваат од ЗГХ.
Како што велат, партиите се концепт против кој толку долго зборат и ќе продолжат да се борат, односно „канцерот на македонското општество сите овие години“.
„Партиите се етаблирани со децении, имаат моќни сојузници, мрежа на послушници и огромна финансиска помош од приватни донатори, како и од државата. Ние? Ве имаме само вас – добродушните луѓе со чиста совест, нерасипани од алчност за моќ и своја лична корист кои верувате дека подобро утре е можно. Затоа ЗХГ никогаш нема да биде партија по дефиниција, туку останува граѓанска иницијатива. За дел од вас ова може звучи страшно, знаеме, и за нас исто дур го пишуваме. Но знаеме дека овие 4 години покажавме кои сме, за што се залагаме, и дека во ниту еден момент не потклекнавме и опстојавме на вредностите на ЗХГ. Покажавме дека може да има актери во политиката кои се искрени, чесни и ја демистифицираат таа сфера за секој да учествува во неа“, нагласуваат од иницијативата.
Од таму додаваат дека, сега продолжуваат на истиот начин, но во различна форма.
„Затоа приклучи се кон борбата на Зелен Хуман Град – потребни се 1.000 од вас кои ќе застанат рамо до рамо со нас за да може повторно да излеземе на избори. Дај го твојот потпис за да ја основаме партијата што ќе ни биде техничко средство и биди дел од зеленото движење, без разлика од кој град и да си“, стои во повикот објавен на социјалните мрежи, со пораката „Нема да нѐ снема, има да нѐ има“.