Зеленски ќе се договара со Трамп за инвестиции и безбедност

„Украина е подготвена за силен, навистина корисен договор со претседателот на Соединетите Американски Држави за инвестиции и безбедност. Предложивме најбрз и најконструктивен начин за постигнување резултати. Нашиот тим е подготвен да работи 24 часа на ден“, напиша Зеленски на Телеграм.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по средбата со специјалниот претставник на американскиот претседател за Украина и Русија, Кит Келог, денеска изјави дека Украина е подготвена за договор за инвестиции и безбедност.

„Украина е подготвена за силен, навистина корисен договор со претседателот на Соединетите Американски Држави за инвестиции и безбедност. Предложивме најбрз и најконструктивен начин за постигнување резултати. Нашиот тим е подготвен да работи 24 часа на ден“, напиша Зеленски на Телеграм.

Тој укажа на важноста на американската моќ за Украина и за целиот слободен свет.

„Детално разговаравме за ситуацијата на бојното поле и за начинот на враќање на сите наши затвореници, како и за ефективни безбедносни гаранции. Од првата секунда на оваа војна Украина се стреми кон мир, а ние можеме и мораме да го направиме мирот сигурен и траен за Русија никогаш повеќе да не се врати со војна“, нагласи Зеленски.

Тој изјави дека имал добар и темелен разговор со Келог за состојбата на фронтот и безбедносните гаранции.

„Благодарен сум на Соединетите Американски Држави за сета помош и двопартиска поддршка дадена на Украина и на украинскиот народ“, напиша Зеленски.

Келог во средата пристигна во тридневна посета на Украина, а со Зеленски се сретна дури попладнево, но прес-конференцијата беше откажана од американска страна, објавија украинските медиуми.

„На барање на американската страна, форматот на средбата беше наменет само за протоколарно снимање и не вклучуваше изјави и прашања од новинари“, изјави за новинарите портпаролот на украинскиот претседател Сергеј Никифоров.

На прашањето какво е расположението на шефот на државата пред средбата, портпаролот одговори: „Борбено расположение“.

Никифоров изјави дека американскиот специјален претставник ќе помине уште еден ден во Украина, па „можеби“ ќе има време да оди на фронтот.