Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обрати на самитот на Европската унија на 17 и 18 октомври, каде се очекува да го претстави својот план за победа. Тоа го соопшти синоќа на прес-конференција по состанокот на Советот за надворешни работи, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
„Денеска го започнавме нашиот Совет со разговор со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига, кој не информираше за ситуацијата на бојното поле и коментираше за елементите од планот за победа што претседателот Зеленски ќе го претстави за време на следниот Европски совет“, рече Борел.
Тој најави дека ЕУ ќе го продолжи мандатот на својата мисија за воена помош во Украина за уште две години.
Според украински медиуми, ЕУ одлучила да го зголеми капацитетот на мисијата за обука за уште 15.000 украински војници, со што нивниот вкупен број ќе достигне 60.000 до крајот на годината.