Зеленски ја назначи поранешната канадска вицепремиерка Кристија Фриланд за советник за економски развој

„Украина е на чело на денешната глобална борба за демократија и ја поздравувам оваа можност да придонесам неплатено како економски советник“, напиша таа на X.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека ја назначил поранешната канадска вицепремиерка Кристија Фриланд за свој советник за економски развој, наведувајќи го нејзиното искуство во привлекувањето инвестиции.

„Украина треба да ја зајакне својата внатрешна отпорност заради закрепнување, ако дипломатијата донесе резултати што е можно побрзо, и заради зајакнување на одбраната, ако, поради доцнењето на нашите партнери, ќе биде потребно повеќе време за да се заврши оваа војна“, напиша Зеленски на мрежата X.

Фриланд е од украинско потекло и беше вицепремиерка на Канада помеѓу 2019 и 2024 година, како и меѓу водечките меѓународни застапници за испраќање помош во Киев. Таа сè уште е членка на канадскиот Парламент, но рече дека ќе се повлече во наредните недели и ќе ја напушти својата улога како специјален пратеник на Отава за Украина, функција што ја презеде дури минатиот септември.

„Украина е на чело на денешната глобална борба за демократија и ја поздравувам оваа можност да придонесам неплатено како економски советник“, напиша таа на X.

Нејзиното заминување од функцијата пратеник значи дека канадскиот премиер Марк Карни мора да распише предвремени избори за да ја замени. Иако владејачките либерали во моментов имаат едно место помалку од мнозинството во Домот на општините, тие во ноември го „преживеаја“ клучното гласање за доверба со помош на опозициските партии. Анкетите покажуваат дека либералите кои ги добија изборите минатиот април најверојатно ќе ја задржат власта доколку сега се одржи уште едно гласање.