Зеленски: Час и половина разговарав со Макрон

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, телефонски разговараше со претседателот на Франција, Емануел Макрон, за резултатите од посетата на францускиот лидер на Кина на почетокот на месецот, јави ТАСС.

– Поминав речиси час и половина разговарајќи со Макрон. Разговаравме за резултатите од неговата неодамнешна посета на Кина. Го информирав за ситуацијата на фронтот. Ја забележав намерата на Франција дополнително да ја зајакне поддршката за Украина на бојното поле – напиша денеска Зеленски на својот канал на Телеграм.

На почетокот на април Макрон беше во државна посета на Пекинг. На крајот од патувањето, тој рече дека Европа треба да избегнува да следи блоковски менталитет и да се меша во туѓи конфликти, особено во контекст на несогласувањето меѓу САД и Кина за статусот на Тајван.

Францускиот лидер потоа изрази уверување дека Европа пред се треба да ги брани сопствените интереси, а не да се прилагодува на агендите во другите делови на светот.