Зеленски: Украина контролира 74 населени места на руска територија

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја контролира 74 населени места на руска територија, каде што украинските сили минатата недела започнаа изненадувачка офанзива која принуди десетици илјади цивили да побегнат.

„И покрај тешките и интензивни борби, напредокот на нашите сили во областа Курск продолжува. Има 74 населени места под контрола на Украина,“ информираше Зеленски преку апликацијата „Телеграм.“

Зеленски додаде дека украинските сили напреднале за 1-3 километри во последните 24 часа.

На видео конференциска средба со Зеленски, главниот командант на украинските вооружени сили, генерал Олександр Сирски, изјавил дека украинските сили зазеле нови 40 квадратни километри територија во последните 24 часа.

Малку подоцна вечерва, во своето дневно обраќање до граѓаните, Зеленски изјави дека Украина уште еднаш докажала дека е способна да ја преземе иницијативата..

„Ние уште еднаш докажавме дека во која било ситуација, ние, Украинците, сме способни да ги постигнеме нашите цели. Способни сме да ги одбраниме нашите интереси и нашата независност,“ нагласи украинскиот претседател.