Зеленски: Украина извезе милион тони жито преку Црното Море

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја извезе милион тони земјоделски производи преку Црното Море.

Зеленски го изјави ова доцна синоќа за време на неговото редовно ноќно обраќање.

„Од првиот ден на август 44 бродови со украинско жито испловија од нашите пристаништа во 15 земји. Севкупно се работи за милион тони производи. Добивме барања за уште 70 бродови“, нагласи Зеленски, осврнувајќи се на започнатиот извоз по постигнатиот договор со Турција и Обединетите нации на крајот на јули.

Целта на Украина и Киев е да извезат три милиони тони во рок од еден месец, додаде украинскиот претседател, пренесува агенцијата „Ројтерс“.