Зеленски: Украина е подготвена да и помогне на Европа во справувањето со дроновите

➡ Зеленски и се заблагодари на Данска за, како што рече, неизмерната поддршка за Украина и особено за синоќешното симболично осветлување на повеќе згради, споменици и мостови во Копенхаген во боите на украинското знаме.

Денес кога Европа се соочува со напади со дронови, Украина, која има релевантно големо, а можеби и најголемо искуство во справувањето со нив, нема да стои настрана и секако ќе им пружи поддршка на своите вистински пријатели, како што е Данска, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски при пристигнувањето на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген.

Зеленски и се заблагодари на Данска за, како што рече, неизмерната поддршка за Украина и особено за синоќешното симболично осветлување на повеќе згради, споменици и мостови во Копенхаген во боите на украинското знаме.

– Тоа навистина кажува многу. Ви благодарам за тоа. Вие сте со нас од самиот почеток на руската агресија, рече Зеленски, додавајќи дека на денешниот состанок ќе се разговара за „многу работи“.

Во одговор на прашање за поддршката на aмериканската администрација за Украина, Зеленски изрази благодарност до претседателот на САД, Доналд Трамп за неговите напори, додавајќи дека при нивната последна средба имале „многу добар и продуктивен дијалог“ и разговарале за „ракетите и оружјето со голем дострел“.