Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека е уапсен руски шпион кој бил инволвиран во смртоносниот ракетен напад врз ресторан во градот Краматорск, во кој животот го загубија 12 цивили, јавува Би-би-си, пренесува Мета.мк.
Зеленски соопшти дека тој ќе биде суден за предавство пред судските власти, поради тоа што овој жител на Краматорск им испратил видео снимка на руските сили од ресторанот неколку часа пред да биде извршен ракетниот напад.
На фатениот руски шпион му се заканува доживотна затворска казна за извршеното предавство, поради кое животот го загубија и тројца тинејџери на возраст од 14 и од 17 години. Во ракетниот напад повредени се и 60 лица, меѓу кои познат украински писател и колумбиски државјани. Колумбискиот претседател Густаво Педро го осуди рускиот ракетен напад, напоменувајќи дека ги прекршил правилата за водење војна.
Инаку, руските ракетни напади продолжија и во изминатово деноноќие врз населени места во Украина. Во градот Никопол во Днипропетровскиот регион биле оштетени седум домови од руските ракети, но нема цивилни жртви во нападите, пренесува Укринформ.
Како последица на руското гранатирање, во Донецкиот регион бил убиен еден цивил во населеното место Серебјанка, а двајца други цивили биле повредени.
Украинските власти соопштија дека во изминатово деноноќие уништиле шест ирански камикази-дронови кои биле лансирани од руските сили. Биле извршени и 50 воздушни напади од страна на Русија, а покрај инфраструктурни објекти, биле погодени и цивилни објекти, пренесува Укринформ.