Зеленски со повик до Бајден – да биде „лидер на мирот“

Украинскиот претседател – Володимир Зеленски во своето обраќање пред американскиот Конгрес, го спореди ужасот од руската војна во неговата земја со Перл Харбор и нападите од 11. септември.

„Ова е терор што Европа не го видела, не го видела 80 години“ – рече Зеленски.

Тој му се обрати на американскиот претседател Џо Бајден дека сака да биде лидер на слободниот свет значи и да се биде „лидер на мирот“.

Зеленски пред конгресмените апелираше за поголема воена помош за борбата против руската инвазија. Тој рече дека оваа војна не е само за неговата земја, туку за „вредностите на Европа и светот“.

„Му се обраќам на претседателот Бајден. Вие сте лидер на нацијата, на вашата голема нација. Ви посакувам да бидете лидер на светот. Да се биде лидер на светот значи да се биде лидер на мирот“ – рече Зеленски.

„Се сеќавата на Перл Харбор, страшното утро на 7. декември 1941 година, кога вашето небо беше црно од авионите што Ве напаѓаа“ – рече тој.

„Се сеќавате на 11. септември, ужасен ден во 2001. година кога злото се обиде да ги претвори вашите градови, независни територии, на боишта“, рече украинскиот претседател притоа порачувајќи „Нашата земја секојдневно го доживува истото“.

Зеленски денеска апелираше до САД и нивните сојузници да создадат зона за забранети летови за да ја заштитат неговата земја од руски воздушни напади.

„Зборовите `Јас имам сон`, се познати на секој од вас денес, можам да кажам. Имам потреба, треба да го заштитам нашето небо. Ми треба вашата одлука, вашата помош“ – рече Зеленски во онлајн обраќање пред американскиот Конгрес.