Зеленски: Ситуацијата на бојното поле е многу подобра, ги запревме Русите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ситуацијата на бојното поле е подобра отколку во последните три месеци и дека руските сили повеќе не напредуваат по заземањето на источниот град Авдијевка минатиот месец.

Во интервју за француската телевизија BFM, Зеленски рече дека Украина ја подобрила својата стратешка позиција и покрај недостигот на оружје, но посочи дека ситуацијата може повторно да се промени доколку не добие нови пратки.

„Ситуацијата е многу подобра отколку што беше во претходните три месеци“, рече Зеленски.

„Имавме одредени потешкотии поради недостигот на артилериски гранати, воздушната блокада, руското оружје со долг дострел и високиот интензитет на напади од руски беспилотни летала. Работевме на многу ефикасен начин… против руските воздухопловни сили. Се опоравивме на исток. Напредокот на руските сили е запрен“, рече тој.

Руското заземање на Авдијевка од силите на Кремљ ја олесни одбраната на регионалниот центар Доњецк, кој е оддалечен 20 километри. После тоа, руските сили окупирале група села во близина на Авдијевка. Но, минатата недела, украинските воени портпароли изјавија дека руските сили повеќе не напредуваат и дека украинските сили ја подобриле својата позиција.

„Руските сили срамнија сè со земја за време на повеќемесечното бомбардирање на Авдијевка. Веќе не можеме да зборуваме за градот бидејќи во Авдијевка се е уништено“ рече Зеленски.

Руските сили, рече тој, се супериорни во однос на оружјето со долг дострел.

Зеленски рече дека украинските сили собориле голем број руски авиони и дека „продолжуваат силно да оперираат во Црното Море“, каде постојано се напаѓани руски воени цели.

– Киевските сили изградија три линии на утврдувања на повеќе од 1.000 километри територија, додаде тој.