Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека првите престрелки на украинската армија со севернокорејските војници го отвориле патот за дополнителна нестабилност во светот.
-Првите битки со севернокорејските војници отворија ново поглавје на нестабилност во светот, рече украинскиот лидер во вечерното обраќање.
Судирот меѓу украинските и севернокорејските сили го потврди и министерот за одбрана Рустем Умеров во интервју за јужнокорејската телевизија.
Украинската разузнавачка агенција претходно објави дека околу 12.000 севернокорејски војници, меѓу кои 500 офицери и тројца генерали, пристигнале во Русија, а обуката се одржува во пет воени бази.
Зеленски го критикуваше недостатокот на одговор на Западот кон Русија, откако таа ги вклучи севернокорејските трупи во војната.
Во четвртокот, тој истакна дека слабиот одговор од меѓународната заедница може да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да го зголеми тоа воено присуство.
Зеленски почна да предупредува за присуството на севернокорејски војници во Русија на 13 октомври. Западните сојузници тоа го нарекоа голема ескалација, но не одговорија со мерки ниту најавија дека ќе го сторат тоа.
-Првите илјадници војници од Северна Кореја се во близина на украинската граница. Украинците ќе бидат принудени да се бранат од нив, рече Зеленски за време на викендот. „И светот само ќе гледа повторно“, додаде тој.
Тој посочи дека Украина има точни податоци за сите локации на кои се распоредени севернокорејски војници во Русија. Но, како што наведе тој, „западните сојузници не и дадоа на Украина оружје со долг дострел потребно за напад на тие цели“.
-Наместо толку потребната способност на долг дострел, Америка гледа, Британија гледа, Германија гледа, рече тој.