Зеленски: Руски војници намерно гаѓаат духовни објекти кои луѓето ги користат како засолниште

„Руските сили во текот на 31-дневната инвазија врз Украина досега оштетија најмалку 59 духовни локации“. Ова денеска го изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во своето виртуелно обраќање до учесниците на 20. Форум во Доха.

„Во текот на 31 ден од оваа војна, од руските удари се оштетени најмалку 59 згради со духовно значење. Тоа се џамии, цркви, верски и образовни институции“ – рече украинскиот претседател.

Тој додаде дека за време на војната биле уништени или оштетени повеќе од двесте училишта и десетици болници.

„Замислете, руските војници намерно ги удираат овие места, кои обичните цивили ги користат како засолниште“ вели Зеленски.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина досега загинале 136 деца, се наведува во соопштението на Украинското државно обвинителство.

Од нив, 64 биле убиени во регионот на Киев, а 50 во регионот на Доњецк.