„Руските војници ја започнаа битката за Донбас“ – изјави претседателот на Украина – Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање до нацијата.
„Многу голем дел од руската армија сега се фокусира на оваа офанзива. Без оглед колку руски војници се однесени таму, ние ќе се бориме. Ние ќе се браниме самите“ вели тој.
Зеленски испраќа порака, дека сега е во тек концентрирана руска офанзива. Двете страни се свесни дека во зависност од тоа кој ќе ја добие битката, би можел да го диктира идниот правец на војната.
Украина веќе ѝ зададе сериозен удар на Русија со тоа што ги натера војниците да се откажат од обидот да го заземат главниот град Киев, велат познавачите на состојбите.
Доколку Русија постигне успех на исток, тоа, најверојатно, ќе го охрабри рускиот претседател Владимир Путин, да ги врати своите сили на север за да го заврши целосното заземање на земјата, соборувајќи ја Владата во Киев. Западни официјални лица сè уште веруваат дека тоа е крајната цел на руската инвазија. Што значи, влогот не може да биде поголем, пишува „Скај њуз“.