Претседателот на Украина – Володимир Зеленски ноќеска во видео порака истакна дека нивните преговарачки позиции со Русија сега се многу пореални, но сепак ќе биде потребно време пред Украина да биде задоволна.
„Сите сакаме мир и победа што е можно поскоро. Секоја војна завршува со договор, рече претседателот и порача „потребни се труд и трпение.
Украинските и руските преговарачи претходните два дена имаа состаноци преку видео-конференциска врска. Разговорите, според најавите, ќе продолжат и денеска.
Зеленски ги покани сите пријатели на Украина да го посетат Киев, иако рече, „тоа е опасно, бидејќи НАТО не прогласи зона на забранети летови над Украина“.
„Ги поканувам сите пријатели на Украина да го посетат Киев. Овде може да биде опасно, бидејќи нашето небо се уште не е затворено за руски проектили и авиони. Одлуката за зајакнување на нашиот арсенал во воздухот се уште не е донесена. Не добивме авиони. Но, очите на сите луѓе во светот сега се вперени во нашиот главен град, во Украинците. Сите кои се сега со нас ќе почувствуваат благодарност. Не само од нас, туку и благодарност од другите народи“, објави Зеленски.
Украина бара прекин на војната, повлекување на руските војници и безбедносни гаранции.
Москва, меѓу другото, бара Киев да го признае анектираниот црноморски полуостров Крим како руски, а сепаратистичките области на истокот на Украина како независни држави.
Зеленски вети дека руската агресивна војна ќе заврши со срам, сиромаштија и долгогодишна изолација за Русија.