„Како резултат на нападот на нашата земја, Украина, руското раководство всушност ја претвора својата држава во аналог на таканаречените „ДНР“ и „ЛНР“. На голема зона која е изолирана од целиот свет“. Ова го изјави украинскиот претседател – Володимир Зеленски во обраќањето до нацијата.
„Погледнете сега кој ја напушта Русија. Кој го изнесува својот бизнис. Тоа се професионалци кои можат да се справат со глобалниот пазар. Тоа се ИТ луѓе кои не сакаат да живеат во област каде што воопшто нема слобода. Тоа се бизнисмени кои чувствуваат дека се ќе им биде одземено кога раководството ќе посака. Тоа се уметници кои знаат дека креативноста на територија на која човечкиот живот е безвреден е исто така безвредна. Русија губи мозоци. Губи таленти. Губи пари“ – рече Зеленски.
Украинскиот претседател информира дека „окупаторите на територијата на Херсонската област се обидуваат да ги уценуваат локалните лидери и вршат притисок врз пратениците“.
„Бараат кого да поткупат за да ја организираат таканаречената „ХНР“. „ХНР“ исто мртвороденче како „ДНР“ и „ЛНР“. За да организираат некакви „комисии“ против легитимната власт на нашата земја. И тоа против волјата на народот кој секојдневно излегува на протести. И кој ја сака Украина“ – истакна Зеленски.
Тој додаде дека се одржал итен состанок на Херсонскиот регионален совет при што 44 пратеници ја утврдиле одлуката дека Херсонската област е Украина „и на ниту една псевдорепублика ѝ нема место таму“.
Зеленски информира дека вчера функционирале сите хуманитарни коридори и успешно се евакуирани 12.729 лица.