(Видео) Зеленски: Путин се плаши од директни преговори со мене

-Доколку Путин не е подготвен да дојде во Анкара, Ердоган и јас сме подготвени да одлетаме за Истанбул. Ќе направиме сè за да се случи таа средба, рече Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека ќе направи сè неделава да се одржи најавената средба со Владимир Путин.

-Доколку Путин не е подготвен да дојде во Анкара, Ердоган и јас сме подготвени да одлетаме за Истанбул. Ќе направиме сè за да се случи таа средба, рече Зеленски.

„Никој освен мене не може да преговара со Путин. Тоа се мои должности“, рече тој, а потоа додаде: „Ако нема средба со Путин, нема да има ни резултати. Сè веќе отиде предалеку.“

-Путин се плаши од директни преговори со мене, тврди Зеленски во изјавата на Х, додавајќи дека „доколку Путин не дојде и продолжи да ги игра неговите игри, тоа е последен доказ дека не сака да ја запре војната“.

Зеленски додаде дека, доколку преговорите не успеат, очекува „строги санкции“ од САД и Европската Унија, бидејќи тоа би покажало дека Русија не е подготвена за дипломатија.

За потсетување, директните преговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин треба да се одржат во четврток во Истанбул, со потенцијално учество на американскиот претседател Доналд Трамп.

Најавената средба претставува најнов обид на меѓународната заедница да посредува за завршување на војната што трае повеќе од три години.

Зеленски го потврди своето пристигнување во Турција и го покани Путин да се придружи, нагласувајќи дека е подготвен да направи сè за да се одржи состанокот.

Путин предложи преговори без предуслови, но сè уште не го потврди своето учество. Кремљ ги отфрли барањата на Западот за 30-дневен прекин на огнот како „ултиматуми“ и сè уште не е јасно дали Путин лично ќе присуствува на состанокот.

Засега е нејасно и дали американскиот претседател Трамп, кој моментално е на турнеја по Блискиот Исток и изрази подготвеност да учествува во евентуалните разговори во Истанбул, навистина и ќе им се приклучи доколку оцени дека тоа би можело да биде корисно.

Зеленски го поздрави неговото евентуално присуство, велејќи дека тоа би можело да помогне во постигнување на мирот во Украина.