Претседателот на Украина – Володимир Зеленски денеска преку видео врска оддржа говор пред британските политичари. Тој на пратениците во британскиот Парламент им кажа дека „им се обраќа како на граѓани, како претседател на голема земја, со сон“.
Ја спореди борбата на Украина против Русија со британските воени напори против нацистичка Германија, во Втората светска војна.
„Не сакавте да ја изгубите земјата кога нацистите сакаа да ви ја земат. Моравте да се борите за Британија“ – рече Зеленски.
Кажа дека неговите луѓе покажале херојски напор против руските сили.
„Гранатирањето не нѐ скрши“ рече украинскиот претседател и порача дека ќе се борат до крај.
„Ќе продолжиме да се бориме за нашата земја без разлика на цената. Ќе се бориме во шумите, на полињата, на бреговите и на улиците. Украина нема да се откаже и нема да загубиме“ потенцираше Зеленски.