Претседателот на Украина – Володимир Зеленски изјави дека во тек се дипломатски обиди да се спасат преостанатите украински борци од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол.
Украинските власти стравуваат дека руските сили ќе ја нападнат фабриката за челик до 9. мај, кога Русија го одбележува Денот на победата во Втората светска војна.
Од челичарницата вчера беа евакуирани 50 цивили, а десетици од нив останале во подземните бункери, каде се засолнија пред повеќе од два месеца.
Зеленски истакна дека Украина работи на дипломатски план за спас на борците.
„На тоа работат влијателни посредници, влијателни држави“ – изјави Зеленски, без да открие повеќе детали.
Инаку, вкупните загуби на Русија во војната против Украина надминале 25.000 војници, соопшти денеска Генералштабот на украинските вооружени сили.
Оттаму информираат дека уништени се 1.122 тенкови, 2.713 оклопни борбени возила, 509 артилериски системи и 84 системи за противвоздушна одбрана.