Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупреди дека штотуку завршените „лажни референдуми“ и обидите за анексија на украинска територија на Русија исклучуваат какви било разговори со Москва сè додека Владимир Путин останува претседател и повика на „целосна изолација“ на Русија и нови остри глобални санкции.
Како што пренесува АП, обраќајќи се до Советот за безбедност на ОН преку видеоврска, тој повика на дополнителна воена и финансиска поддршка за одбраната на Украина „за да загуби агресорот“ и „јасни и правно обврзувачки гаранции за колективна безбедност“ за неговата земја како одговор на наместени референдуми.
Референдуми, кои Киев и неговите западни сојузници ги прогласија за нелегални, беа одржани во регионите Луганск, Керсон, Доњецк и Запорожје. Тие нашироко се сметаат за изговор за најави дека Русија планира да ги анектира овие територии, наведува Радио Слободна Европа.
Украина свика итен состанок на Советот за безбедност за да одговори на референдумите и очекуваните најави за анексија од Русија.
„Секоја анексија во современиот свет е злосторство, злосторство против сите земји кои сметаат дека неприкосновеноста на границата е од витално значење“, рече Зеленски.
Тој ја обвини Русија за уништување на „главниот дел од меѓународното право“ и „одговара на сите предлози за разговори со нова бруталност на бојното поле, со уште поголема криза и закани за Украина и светот“.
„Признавањето на овие лажни референдуми од Русија како нормални, спроведувањето на таканареченото кримско сценарио и уште еден обид за анексија на украинска територија ќе значат дека нема што да се разговара со овој руски претседател“, рече Зеленски.
Тој посочи дека „анексијата е еден вид потег што го става сам против целото човештво“.