
Зеленски: Поединци го блокираат пристапот на Украина кон ЕУ за да добијат место на Црвениот плоштад
„Ја цениме поддршката на Чешка за нашиот чекор кон Европската Унија. Оваа година сме подготвени да го отвориме првиот кластер во процесот на преговори. Жалиме што одредени личности во Европа го блокираат овој процес. Не поради интересите на нашата земја, туку поради подобро место на подиумот на Црвениот плоштад“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со чешкиот претседател Петр Павел во Прага, пренесува Укринформ.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека одредени личности во Европа го блокираат процесот на европска интеграција на Украина за да добијат подобро место на Црвениот плоштад во Москва.
„Ја цениме поддршката на Чешка за нашиот чекор кон Европската Унија. Оваа година сме подготвени да го отвориме првиот кластер во процесот на преговори. Жалиме што одредени личности во Европа го блокираат овој процес. Не поради интересите на нашата земја, туку поради подобро место на подиумот на Црвениот плоштад“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со чешкиот претседател Петр Павел во Прага, пренесува Укринформ.
Тој нагласи дека е важно за сите во Европа да доминираат европските вредности, „а не каприците на поединечните политичари“.
„Европа мора да биде силна за да бидат заштитени интересите на сите“, рече Зеленски.
Тој додаде дека не ја исклучува можноста Русија да организира провокации за време на парадата на Денот на победата на 9 мај.
„За жал, јасно ни е кои се тие соседи – Русија, и што се подготвени да направат заради некои радикални политички дивиденди во сопствената земја, пред сè. И ова не се првите ветувања за прекин на огнот од страна на Русија“, рече Зеленски и потсети дека дури и за време на Велигден, руските сили извршиле повеќе од 100 напади, и покрај јавното ветување за прекин на огнот.
Зеленски претходно изјави дека Украина не може да ја гарантира безбедноста на своите претставници во други земји за време на планираните патувања во Москва за парадата на 9 мај, бидејќи, како што изјави, Москва може да преземе какви било мерки против гостите, а украинската страна не може да биде одговорна за она што се случува во Русија.