Зеленски: Подготвен сум да се повлечам ако тоа значи мир за Украина или членство во НАТО

– Подготвени сме да разговараме со Америка за минералите, подготвени сме да делиме со нив, но важно е САД да го натераат (рускиот претседател Владимир) Путин да ја заврши војната, рече Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да поднесе оставка доколку тоа донесе мир за Украина или доколку е услов за членство во НАТО.

Говорејќи на прес-конференција по завршувањето на Форумот Украина: 2025 година во Киев, Зеленски беше прашан дали би се повлекол од функцијата во замена за мир во земјата, на што тој одговори: Да, ако тоа значи мир за Украина, ако навистина треба да ја напуштам функцијата – подготвен сум. Втора можност е тоа да се замени за НАТО. Ако такви услови бидат поставени – веднаш“.

Тој истакна дека нема намера да остане на власт со децении.

– Фокусиран сум на безбедноста на Украина денес, а не за 20 години. Не планирам да останам на власт со децении, додаде украинскиот претседател.

Зеленски зборуваше во пресрет на состанокот со европски лидери што ќе се одржи во утре Украина, на тригодишнината од почетокот на руската инвазија. Според него, на состанокот ќе се разговара за стратегија за следните неколку недели, како и за гаранции за украинската безбедност.

– Во наредните една до две недели, лидерите ќе се сретнат и во една од престолнините на Европската Унија за да утврдат какви безбедносни гаранции може да добие Украина, појасни Зеленски.

Тој нагласи дека Киев продолжува со разговорите и со САД за идната поддршка, додавајќи дека е благодарен на досегашната поддршка и од администрациите на Џо Бајден и на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, јави Би-Би-Си.

– Го поканив Трамп да ја посети Украина и навистина би сакал да дојде, но за жал, сè уште не сме го постигнале тоа. Можеби тој ќе дојде, можеби јас ќе одам во Вашингтон, што би било многу корисно, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател се осврна и на американските барања за договор за ретките минерали, што Трамп го поврза со обемот на американската помош за Украина.

– Подготвени сме да разговараме со Америка за минералите, подготвени сме да делиме со нив, но важно е САД да го натераат (рускиот претседател Владимир) Путин да ја заврши војната, рече Зеленски.

Тој повтори дека на Украина и се потребни безбедносни гаранции, а нацрт-договорите што им се понудени досега не се она што тие го сакаат. Но Зеленски вели дека разговорите со САД се движат кон напред.

Во однос на европската поддршка, Зеленски потенцира дека иако ЕУ е главен партнер, Киев не може да ги загуби независноста и достоинството.

– Ова не е играчка, ова е војна. Ни треба партнерство, ни треба помош, но не смееме да ја изгубиме нашата независност и достоинство, изјави Зеленски.

Тој оцени дека претстојниот состанок со европските лидери во Украина може да биде „пресвртна точка“ и нагласи дека безбедносните гаранции што ѝ се нудат на Украина засега не се доволни.

Во однос на неодамнешните критики од страна на Трамп, кој на платформата „Трут Соушал“ го нарече „диктатор кој ја врши својата работа ужасно“, Зеленски одговори:

– Не би рекол дека тоа е комплимент, но не се навредив. Диктатор би се навредил, додаде со насмевка.

Запрашан дали европската поддршка би била доволна доколку САД престанат да ја помагаат Украина воено, Зеленски одговори дека американската поддршка не е само финансиска, туку клучна и во однос на санкциите и одредени типови оружје што само САД имаат лиценца да ги произведуваат.

– Европа може да ни даде повеќе оружје, но одредени системи зависат од американските лиценци, истакна Зеленски.

На прашањето како би можел да изгледа крајот на војната, Зеленски порача дека Украина мора да знае „како ќе заврши и какви безбедносни мерки ќе добие“.

– Ова не можеме да го договориме сами, мора да се постигне договор со другите земји. Не можеме да веруваме на зборот на Русија, потенцираше Зеленски.