Украинскиот претседател – Володимир Зеленски изјави дека би било невозможно да се преговара за крај на војната во Украина без да се сретне со Владимир Путин. Тој призна дека на таква средба би се разговарало и за иднината на окупираните украински територии Крим и Донбас, но би требало повеќе време за да се реши тоа прашање. Повтори дека Украина веќе не се надева на членство во НАТО.
„Сè додека не се сретнам со Владимир Путин, не можеме целосно да разбереме што се подготвени да направат за да ја запрат војната и што се подготвени да направат ако ние не сме спремни за овој или оној компромис“ – изјави Зеленски.
Тој веќе една година бара средба со Путин, кој досега одбиваше, но неодамна и самиот навести дека за некои прашања би морал да разговара еден на еден со него.
„Подготвен сум со Путин да разговарам и за окупираните територии, иако знам дека тој проблем нема да се реши со еден состанок. Но, претходно Русија мора да прогласи примирје и да ги повлече трупите“ – рече Зеленски.