Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан не може да посредува меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на 28-месечната војна бидејќи тоа е задача што може да ја преземат само светските сили како Кина, САД или ЕУ. .
Орбан ги посети Киев и Москва на разговори минатата недела и се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во понеделникот, нарекувајќи го неговото неочекувано патување во Пекинг трета етапа од „мировната мисија“.
Додека светските лидери се подготвуваат да одат на самитот на НАТО што започнува во вторник во Вашингтон, украинскиот претседател Зеленски рече дека само моќни економии или земји со вооружени сили многу посилни од руските можат да ја извршат задачата за посредување.
„Има ли многу такви земји во светот? Нема. Верувам дека САД и Кина се такви земји. И ЕУ, не една земја, туку целата Европска унија. Тоа навистина може да биде мисија за посредување“, рече Зеленски на прес-конференцијата одржана за време на посетата на соседна Полска.
Зеленски рече и дека преговорите на Орбан со Путин, кои предизвикаа неодобрување во Европската унија, не биле координирани со Киев.
„Дури и ако Путин се сретне со шефот на одредена земја, тоа не значи дека тој сака да ја прекине војната“, рече тој.
„Киев останува отворен за предлози од други земји за тоа како да се постигне мир, но тие треба да бидат усогласени со визијата на Украина, особено со мировниот план од 10 точки“, додаде Зеленски.